Скопје, 28. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе фокус на јавното здравство, разрешување на сите економски директори, измени во Законот за здравствена заштита и спојување на Клиничката болница најави министерот за здравство, Арбен Таравари на денешната изјава по средбата со американската амбасадорка, Анџела Агелер.
Министерот Таравари изјави и дека ќе работат на децентрализација на здравството со цел да се дадат што повеќе здравствени услуги во останатите клинички болници од земјава.
– Ќе дадеме повеќе фокус на јавното здравство. Тринаесет економски директори се веќе разрешени, а ќе продолжиме и во идниот период да ги разрешиме и другите. Во меѓувреме, Нацрт-законот за измени на Законот за здравствена заштита е направен и е испратен во Влада. Се надевам дека на една од наредните седници идната недела ќе помине и како одлука на Влада дека планираме Клиничката болница да се спои во рок од една година, и дека планираме да работиме на регионализација, односно децентрализација на здравството сè со цел да се дадат што повеќе здравствени услуги во клиничките болници во Тетово, Штип, Битола, Охрид и Струга, рече тој.
Во однос на прашањето дали ќе има нови разрешувања или назначувања, министерот Таравари информираше дека од понеделник ќе започнат со нови назначувања.
– Назначување немаме, од разрешување – 13 се досега разрешени. Сите по клиники не ги паметам, меѓутоа, можеби до крајот на идната недела ќе бидат сите, се надеваме, ако помине Предлог-законот што е поднесен во Влада. Назначувања нема освен Онкологија, Токсикологија за тоа што сте информирани. Од понеделник ќе почнеме со нови назначувања, рече тој. (Крај)
извор: МИА фото: МИА