Охрид, 11. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Паднати дрва, оштетени угостителски објект, камп приколки и шатори… Ова е билансот од вчерашното невреме што го зафати Охридскиот регион, проследено со силен пороен дожд и електрични празнења.
Од Центарот за управување со кризи во Охрид велат дека штетите се од мал обем и за среќа нема поврдени лица.
– Најмногу штети имаше во Трпејца, Љубаништа и комплексот Св. Наум, пред сé поради паднати постари дрва. Причинета е материјална штета врз еден угостителски објект во Трпејца, неколку кајчиња, врз камп приколки и шатори во авто камп „Љубаништа“ и врз одредни помали објекти, покривна конструкција и опрема која не била прицврестена во комплексот „Св. Наум“. Поврдени за среќа нема, материјалната штета е од помал обем, изјави за Супер радио и OhridPress Митко Темелковски од ЦУК.
Поради удар од гром во трансформаторот во селото Шум, пумпната станица која ги снабдува со вода Струга и околината моментално не работи, па жителите се без вода. Темелковски вели дека екипи на ЕВН работат на санирање на состојбата.
За разлика од кај нас, невремето од другата страна на Галичица, во Преспа, предизвика многу поголеми штети. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива