април 3, 2017

Охрид, 3. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Грин Бич Фестивалот на 29-ти јули (сабота) ќе го претстави своето ново, осмо издание заедно со великанот на електронската музичка сцена Sven Väth.

Еден од најдобрите светски диџеи и продуценти ќе настапи во Охрид во рамките на својата нова турнеја со која ширум светот се одбележуваат 20 години од првата, култна Cocoon забава.

Секоја година повеќе од 10.000 луѓе го дочекуваат утрото на плажата Парк во Охрид, со најдобрите имиња од светската електронска сцена.

Папа Свен, како што најчесто го нарекуваат колегите и обожавателите, денес е на апсолутниот врв по повеќе од 35 години на сцената. Во октомври минатата година во рамки на гигантскиот Amsterdam Dance Event, тој прослави 20 години на чело на една од најзначајните издавачки куќи на сите времиња – Cocoon, чија истоимена клупска ноќ на Ибица трае веќе рекордни 16 сезони без прекин и без намера наскоро да престане. За неговото немерливо влијание најдобро сведочи фактот дека на неговиот повик редовно се одзиваат најголемите имиња на светската сцена како што се Карк Кокс, Ричи Хотин, Лорен Гарние, Мис Китин, Рикардо Вилалобос, Диксон, Нина Кравиц, Соломун, Марсел Детман, Локо Дајс, Лучиано и бројни други.

Својата кариера ја започнува уште во 1980 година кога на 16 годишна возраст стопирајќи заминува на Ибица и таму поминува полни три месеци по кои го открива својот животен повик и набргу застанува зад грамофонот, а плочите без контролери и лаптопи и ден денес ги користи како единствена алатка и тоа со неверојатна прецизност. Неговата колекција брои десетина илјади плочи, а во неговиот тим работи и личност задолжена исклучиво за водење и одржување на овој каталог, како и испраќање на одбрани, нови плочи и до најоддалечените дестинации на кои настапува.

Покрај Свен на Грин Бич Фестивал доаѓаат и други значајни имиња од светската и домашната сцена кои наскоро ќе бидат објавени, како и информациите за почетокот на продажбата на влезниците. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Password Production

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука