Охрид, 1. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Председателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска, денес оствари средба со Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија.
На средбата се разговараше за досегашната и можноста за продлабочување на идната соработка.
Амбасадорот Тимоние, покрај другото, потенцира дека без разлика каква одлука ќе биде донесена на конференцијата на УНЕСКО во Баку, неговата земја во иднина ќе ги подржува сите напори кои ќе бидат насочени кон заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот регион.
Во рамките на посетата на општина Охрид, Тимоние имаше средба и со претставници на невладините организации. Претставниците на невладините организации го информираа амбасадорот Тимоние за нивните активности поврзани со заштитата на природното и културното наследство на Охрид и Охридското Езеро.
Амбасадорот Тимоние рече дека за надминување на проблемите околу заштитата на природното и културното наследство задолжително треба да се вклучи граѓанскиот сектор, кој треба да биде и учесник во донесувањето на одлуките во оваа област. (Крај)
извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид