Охрид, 22. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Последните наоди од контролите извршени на површинските води на езерското крајбрежје покажуваат дека се исправни за капење, спорт и рекреација.
Првиот човек на охридскиот Центар за јавно здравје, Сашо Точков, во изјава за Супер радио и OhridPress потенцира дека се прават константни контроли на водата од целото крајбрежје. Беше евидентирано загадување на водата на делот кај одморалиштето „Партизан“, поради што беше забрането капење на овој потег. Но, последните наоди кажуваат дека состојбата е подобрена.
– Во јуни имавме појава на загадување на делот кај одморалиштето „Партизан“, вршени се последователни неколку анализи. Последно сега имавме микробиолошко загадување. Најновите анализи што ги правевме, две последователни на 15-ти и 17-ти јули, водата е исправна за капење, спорт и рекреација и од плажа „Мизо“ и од одмаралиште „Партизан“ и целиот поширок појас. Каде што беше од трета класа, сега водата е втора класа и може да се користи. За ова се известени инспекциските служби за да постапат по однос на воведената забрана, се надевам тоа да се реши деновиве. Делот кај река Грашница е повторно загаден, таму водата е од трета класа, но тој потег не се користи за капење. Во останатиот крајбрежен дел водата е од прва и втора класа, подвлече Точков.
Од Центарот за јавно здравје вршат константни контроли и на квалитетот на водата од јавните чешми, при што наодите покажуваат дека истата е исправна за пиење. Кај водата од „Билјанини извори“ забележлив е променлив карактер во квалитетот, но последните контроли покажаа дека и таму водата може да се пие. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес