Охрид, 16. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот Црвен крст е задоволен од реализираното и постигнатото во 2016 година.
Организиравме над 15 редовни и вонредни крводарителски акции. Беа обезбедени доволни количини на крв и крвни продукти за сите оние кои во минатата година имаа потреба од драгоцената течност и секако излеговме во пресрет на барањата на здравствените установи во Охрид, потенцира претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точко.
– Остануваат сеуште оние, за нас, рестриктивни препораки од Институтот за трансфузиона медицина кои во многу не ограничуваат, кај нас во Охрид, да не можеме да организираме крводарителски акции на отворено. Но, ние го работиме она што е наша задача, ги мотивираме крводарителите, а особено работиме со младите, истакна Точко.
Минатата година имало значителна бројка крводарители кои за првпат ја дарувале течноста што живот значи.
А што се однесува до најголемиот број постигнати крводарувања, двајца наши сограѓани драгоцената течност ја дарувале 50 пати. Лани немало крводарители со 75 или 100 крводарувања, но како што рече Точко, се надеваат дека овие бројки на хуманоста ќе бидат достигнати годинава.
Инаку и Општинската организација на Црвен крст Охрид утре ќе го одбележи Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст на Македонија. Свеченоста е со почеток во 13 часот.
Ќе бидат доделени признанија, плакети и благодарници на повеќекратни крводарители, поединци, фирми и институции кои придонеле за развојот и унапредувањето на крводарителството во општините Охрид и Дебрца. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес