август 19, 2017

Охрид, 19. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – 22-ца пливачи, од кои 15 во машка и 7 во женска конкуренција ќе пливаат за медал на 31-то издание на Охридскиот пливачки маратон.

Ќе се плива на патеката „Климе Савин“, од Св. Наум до Охрид, во должина од 30 километри.

Што се однесува до натпреварувачите, во Охрид е пливачката елита, најдобрите десет пливачи од светската ранг листа на ФИНА, што ветува јака трка и силна конкуренција. Има пливачи од Франција, Бразил, Аргентина, Канада, Италија, Германија, Холандија, Хрватска и Русија, а меѓу нив и тројца македонци – Евгениј Поп-Ацев, кој е победник на овој маратон во 2015-та година, Александар Илиевски и Александар Панчевски.

Стартот на трката ќе биде точно напладне од Св. Наум, а првите маратонци на целта на градското пристаниште се очекуваат после 17:30 часот.

Охридскиот пливачки маратон е трета, воедно и претпоследна во Гран при серијата на ФИНА, а можеби и клучна за добивање на конечниот ранг на светската листа на мартонско пливање. Наградниот фонд е во висина од 10.000 долари.

Спортската манифестација која преставува еден од амбасадорите на Охрид и нашата република има долга традиција. Првата маратонска трка е одржана во 1954 година, а првиот Охридски пливачки маратон во 1962-та. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука