мај 9, 2017

Охрид, 9. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во просториите на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид се реализира крводарителска акција.

Денешната крводарителска акција се реализира во рамки на Неделата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а е дел од годишниот план за крводарителски акции предвидени за 2017 година, истакна Анета Вршкоска Јованоска, координатор во Црвен крст – Охрид.

Akcijacrvenkrst1

– Задоволни сме од одзивот. Досега се собрани 18 крвни единици. Се надеваме дека додека трае акцијата, во текот на денов, ќе го исполниме она што сме го зацртале. Доаѓаат претежно студенти, но и граѓани кои се огласија на вчерашниот повик за собирање крвни единици од ретката крвна група АБ негатив, потребна за лекување на наша сограѓанка. За жал и во моментов имаме недостаток од крвни единици, рече Вршкоска Јованоска.

Таа уште еднаш упати апел до сите граѓани кои ја имаат оваа крвна група, да дојдат и да даруваат крв, која во моментов е повеќе од неопходна.

Тоа може да го направат и во текот на утрешниот ден во просториите на Одделението за трансфузиона медицина при Општата болница – Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука