Охрид, 6. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со ѕвезди во рака, широка насмевка на лицата и видна возбуда пеејќи ја возобновената христијанска песна „Вечниот Бог“, околу 1.000 охриѓанчиња кои беа дел од Бадниковата поворка претпладнево го најавија Христовото раѓање – Божик.
Движејќи се од дворот на црквата „Св. Георги“ во Горна Влашка Мала по улицата „Јане Сандански“, булевар „Туристичка“ и низ чаршијата тие ширеа радост и среќа.
– Заедно со советниците во Советот на Општина Охрид и со директорите на охридските јавни претпријатија им даривме пригодни подароци и им посакавме добро здравје, среќа и успеси на секој план. Предводници на поворката беа естрадните уметници Ѓоко Танески и Христијан Настоски- Пајак, порача градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.
Бадниковата поворка во Охрид се одржува 11 година по ред и е во организација на Здружението за грижа и воспитување деца од Охрид, а е поддржана од локалната самоуправа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива