Охрид, 6. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Богата музичка програма и неповторлива забава за охриѓани и туристите ќе донесе третото издание на Ohrid Wine Festival, кој ќе се одржи од 27-ми до 29-ти јуни 2024 година, на кеј „Македонија“, на потегот пред хотел „Палас“.
– Во четврток, на 27-ми јуни 2024 година, на отварањето на фестивалот, ќе настапат охриѓаните Backdoor band, Миле Кузманоски и групата „Куку леле“. Вториот фестивалски ден, во петок, на 28-ми јуни е резервиран за Urban planet, Next time и Brass brothers. Во рамки на третиот фестивалски ден, во сабота, на 29-ти јуни 2024 година, за забавата ќе бидат задолжени „Балканико“, „Ареа“ и Влатко Лозановски, информира градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.
Концертите на македонските музички артисти ќе бидат надополнети со дегустацијата на македонски вина и вкусна храна.
Покровител на овој тридневен фестивал е Општина Охрид, а истиот е организиран од „Крафт Продукција“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива