Охрид, 16. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во живописното охридско село Велестово, вечерва ќе биде отворена 31-вата „Поетска ноќ во Велестово“, годинава посветена на поезијата на Иван Џепароски и цртежите на Воскресија Андреевска.
По пауза од една година, манифестацијата е повторно интернационална и ќе има гости од Бугарија и од Ирска.
На отворањето кое е закажано за 21:00 часот ќе настапи вокалистката Евгенија Здравевска (Зарина Првасевда) и Александар Петров како специјална придружба на тапан. За делото на Иван Џепароски ќе говори проф. д-р Наташа Аврамоска, а стихови од неговата поезија ќе чита актерот Владимир Јачев. Од 22:00 часот во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово ќе биде отворена и изложба на академскиот сликар Воскресија Андреевска.
Утре напладне, во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи настанот „Поезија напладне“ посветен на творештвото на Поли Муканова од Бугарија, а од 19:30 часот во кафе-барот Shilla во Охрид ќе биде промовирана стихозбирката „Жалба до Музата“ од Џери Марфи од Ирска, во избор и препев на Јулијана Величковска, издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје. Книгата ќе ја промовира проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите на македонски ќе ги чита актерот Јован Цветкоски.
На третата и завршна поетска вечер, на 18-ти август од 20:30 часот во Куќата на Уранија во Охрид во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе биде претставен романот „Некој бил тука“ од Николина Андова Шопова, кој ја доби наградата „Роман на годината“ за 2018-та, со што ќе заврши годинашното издание, 31-во по ред на „Поетската ноќ во Велестово“. (Крај)
извор: независен.мк фото: архива