Струга, 18. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Три лица се тешко повредени во сообраќајната незгода што синоќа во 18 часот и 30 минути се случи на регионалниот пат Струга-Дебар во близина на објектот на Здружение на возачи.
Во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид префрлени се 34-годишниот Б.И. од Струга, 38-годишниот Б.С. и две години помладата Н.С., двајцата од струшкото село Лабуништа. Тие по укажаната медицинска нега се задржани на понатамошно лекување.
– Во сообраќајната незгода учествувале две патнички моторни возила со струшки регистарски ознаки, возило „Мерцедес“, управувано од сега повредениот Б.И. и возило „Ауди“ управувано од Б.С. во кое, како сопатник била повредената Н.С. Незгодата се случила така што возачот на возилото марка „Мерцедес“, движејќи се од правец на Дебар кон Струга, во близина на објектот „Здружение на возачи“, не држел страна на движење, изгубил контрола, преминал на спротивната-лева коловозна лента и директно удрил во предниот дел од автомобилот „Ауди“ кој се движел од спротивен правец, информираат од СВР Охрид.
По овластување на Јавниот обвинител, на местото на сообраќајната незгода, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во сообраќајот од Струга. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива