Охрид, 2. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид и Healthy Seas, во петок, на 6-ти октомври 2023 година ќе се одржи тркалезна маса на тема „мрежите духови“ како глобален проблем за водните екосистеми и чекор напред во решавањето на овој проблем за Охридското Езеро.
Ќе бидат претставени резултатите од Пилот проектот за регистрирање и отстранување на напуштените, изгубени и на друг начин оставени рибарски мрежи – „мрежи духови“ од Охридското Езеро, спроведен со цел детекција на повторна акумулација на рибарски мрежи на одредени локалитети во Охридското Езеро, кои воедно претставуваат природни рибни плодишта на ендемичната охридска пастрмка и одредување на динамика за нивно отстранување во наредниот период.
Поздравни обраќања ќе имаат Бен Оортвијн и Кристина Виегерс од Healthy Seas, д-р Орхидеја Тасевска, директор на ЈНУ „Хидробиолшки завод“ од Охрид, Виолета Михајлоска од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.
Во стручниот дел од расправата за проблемот ќе зборуваат и Вероника Микос, директор на Healthy Seas, Душица Илиќ- Боева од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид, Јован Секулоски од Нуркачкиот Центар „Амфора“ и Паскал ван Ерп, основач на Ghost Diving Foundation, најголемата и најискусна глобална нуркачка организација фокусирана на феноменот „мрежи духови“ со искуство во широк спектар на земји и меѓународни води.
Тркалезната маса ќе се одржи во салата за состаноци на Општина Охрид со почеток во 10:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива