Охрид, 19.февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Основното јавно обвинителство Охрид донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица од ЈЗИ Здравствен дом Охрид за „проневера во службата“, со што го оштетиле Буџетот на Здравствениот дом за 7.565.302 денари.
По пријава од Финансиската полиција надлежниот обвинител утврди постоење на основано сомнение, па започна истражна постапка против осомничените, се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Македонија.
Осомничените во периодот од 2010 до 2014 година подигале готови средства уплатени на име на партиципација од страна на пациентите. Со тоа, го оштетиле Буџетот на ЈЗУ Здравствен дом Охрид за 7.565.302 денари.
Сметајќи дека се исполнети законските основи, надлежниот обвинител до судија на предходна постапка од Основниот суд Охрид поднел и предлог за определување на мерката „притвор“ за двајца од осомничените, а за еден од осомничените мерка „куќен притвор“. (Крај)
извор:ЈО на РМ фото:архива