Охрид, 15.септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Тројца кандидати за градски татковци на Охрид поднеле кандидатури до Општинската изборна комисија, а за новиот состав на охридскиот совет доставени се пет советнички листи.
Општинската изборна комисија има обврска до утре на полноќ да утврди дали е се во ред со поднесените кандидатури за градоначалник на Јован Стојаноски од СДСМ, Митко Тилевски од ВМРО ДПМНЕ и на независниот кандидат Стевче Стевоски.
Покрај тоа ќе треба да утврди и дали поднесените листи за советници од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, СДСМ и Коалицијата,потоа од ДПА, Коалицијата ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА и од носителот на независна советничка листа, Љупчо Настоски, се составени во согласност со одредбите на Изборниот законик.
Доколку се констатира некоја неправилност, поднесувачите ќе имаат рок од 48 часа да ги отстранат неправилностите, а ОИК ги потврдува со решение.
Според Роковникот за изборни дејствија, ждрепката треба да се одржи на 18-ти септември.
Шестите по ред локални избори ќе се одржат на 15-ти октомври, кампањата старува на 25-ти септември, а ќе трае до 13-ти октомври на полноќ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива