Охрид, 20. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Три кандидатури за градоначалник и единаесет советнички листи со вкупно 253 кандидати се во трка за една градоначалничка фотелја и 23 советнички места во охридскиот општински совет.
Потврдени и испратени до Државната изборна комисија (ДИК) се три кандидатури за градоначалник и 11 советнички листи, од кои три се независни, исто толку поднесени од коалиции и пет од политички партии информира за Супер радио и OhridPress Антигона Сионов од Општинската изборна комисија (ОИК).
– Кандидати за градоначалник се: Гоце Цветкоски од ТМРО, Константин Георгиески од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ и Кирил Пецаков од коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Кај советничките листи се група избирачи Димитар Велјаноски, група избирачи Антонио Наумоски и група избирачи Стевче Стевоски, од партиите „Левица“ – носител Виолета Аврамова, ДУИ – носител Нефи Усеини, „Единствена Македонија“ – Владимир Суклоски, Движење БЕСА – Џемал Мена и ТМРО – Магдалена Наумоска. На предлог на коалиции има три советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова на Македонија“ носител Сашо Донев, ДОМ и ЛДП „Одлучно за промени“, носител Александар Станкоски и коалиција „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ со носител Науме Јованоски, потенцира Сионов.
До ОИК засега немаат добиено информација за промена на локациите на гласачките места. На 17-ти октомври во Охрид ќе се гласа на 88 избирачки места.
Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидат/и ДИК ќе ја одржи најдоцна до 23-ти септември. Кандидатите за градоначалници и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини и во град Скопје.
Исто така, до овој датум е предвидено овластените претставници на сите политички партии, односно подносителите на листи на кандидати за локалните избори, на централно ниво, да потпишат Кодекс за фер и демократски избори, во организација на Државната изборна комисија, а во соработка со Националниот демократски институт. Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ќе биде заклучен најдоцна до петок, 24-ти септември.
Изборната кампања за првиот круг од локалните избори официјално започнува на 27-ми септември и ќе трае до 15-ти октомври на полноќ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива