Охрид, 3. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со мобилизирање на професионалниот стручен кадар во земјава и во соработка со Владата на Република Македонија планираме проект за гасификација на Охрид. Со гасификацијата ќе имаме подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани, намалување на трошоците за енергенси, подобрување на економијата во градот, истакна на прес конференција пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев.
– Со гасификацијата на Охрид придонесуваме за намалување на огромните сметки за електрична енергија со што секој граѓанин заштедува значителни средства од семејниот буџет. Гасификацијата значително го подобрува стандардот на граѓаните, ја зголемува конкурентноста на домашните компании и позитивно влијае врз атрактивноста на Македонија како инвестициска дестинација. За здрава животна околина, пониски трошоци и економски развој на општината ќе донесеме гас до секое училиште, амбуланта, детска градинка, институција, до фирмите и до секое домаќинство во Охрид, потенцира Тунтев.
Тој истакна дека со проектот за гасификација ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух кој секојдневно го дишеме и дека Охрид од град кој традиционално се затоплува со огревно дрво, електрична енергија и нафта, ќе прерасне во град кој поефикасно, поекономично и еколошки почисто ги користи ресурсите.(Крај)
извор: СДСМ фото: СДСМ