ноември 22, 2017

Охрид, 22. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Управата за заштита на културното наследство соопшти дека од извршениот инспекциски надзор на 7-ми ноември било констатирано дека сите работи на непосредна заштита на Али-пашината џамија во Охрид се изведуваат согласно одобрената проектна документација.

Додаваат дека не е испочитувано пропишаното со точка 6 од диспозитивот на Конзерваторското одобрение, односно дека „работите од став 1 од диспозитивот на ова одобрение може да се изведат врз основа на правосилно одобрение согласно со прописите за градење“.

– Во таа насока, согледувајќи дека не е испочитувано конзерваторското одобрение во целост, постапено е согласно член 172 став 1 точка 10 од Законот за заштита на културното наследство и поведена е постапка против носителот на конзерваторското одобрение – Исламската верска заедница – Муфтиство Охрид поради изведување работи на непосредна заштита спротивно на издаденото конзерваторско одобрение. За констатираните неправилности Управата писмено го извести и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за постапување согласно нивните надлежности, информираат денеска од Управата.

Соопштението следува откако граѓани на Охрид организирани во Здружението „Совест“ реагираа на начинот на кој се врши реставрацијата на Али-пашината џамија во Охридската чаршија, како и на градежните активности околу самиот објект, за кои тврдат дека се спроведуваат без соодветна дозвола од надлежните институции.

УЗКН посочува дека при отстранувањето на бесправно изградените објекти, вклучително и тремот на џамијата и другите пропратни градби, односно изведба на земјени работи при темелењето на помошните простории – тоалети, не се констатирани археолошки остатоци и дека тоа е констатирано и во извештаите од археолошкиот надзор.

Врз основа на Елаборат за ревалоризација од 18 февруари 2014 година, изготвен од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, Али-пашина џамија во Охрид е прогласена за значајно културно наследство со соодветен режим на заштита и е впишана во Националниот регистар на културното наследство, Главна книга, Дел први – Недвижно културно наследство.

Поради несоодветно преземени мерки на обнова спроведени во минатиот век, кои во голема мера ја нарушуваат автентичноста и негативно влијаат врз состојбата на заштитеното добро, изготвен е Основен проект за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али-пашината џамија во Охрид, изработен од МЗТ ИНЖЕНЕРИНГ, ДОО Битола.

Конзерваторско одобрение за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али-пашината џамија во Охрид е издадено во јуни 2016 година од Управата за заштита на културното наследство, по барање на имателот на доброто – Исламска верска заедница во Република Македонија – Муфтиство Охрид, откако било констатирано дека се исполнети условите предвидени во членот 87 од Законот за заштита на културното наследство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука