јуни 29, 2017

Охрид, 29. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Посебната експертска група на УНЕСКО, по последната посета на Охрид го објави најновиот извештај на асоцијацијата за образование, наука и култура на светската организација.

Во истата се апострофира на недоволниот степен на заштита на Охрид и езерото, кои се прогласени за подрачја од особено значење и светско наследство. Се изразува загриженост од несоодветните инфраструктурни проекти, како развојот ски-центарот Галичица и експресниот пат кој е планиран да поминува на овој дел.

Охридските екологисти со реакции по однос на извештајот. Научниот советник и раководител на одделението за краповидни риби во охридскиот Хидробиолошки завод, Д-р Трајче Талевски посочува дека извештајот на реактивната мисија на УНЕСКО не обврзува сериозно да се замислиме за она што сме и` го направиле на природата до сега, но и ни дава надеж дека може да се поправат штетите.

– Има многу работа, но прво треба да се промени мислењето и пристапот дека заедничкото е нечија лична сопственост. Вистинските луѓе на вистинско место и без никаква импровизација. Нема многу време. Часовникот веќе почна со одбројување. Рокот веќе тече, напиша Талевски на неговиот профил на Facebook.

Според Дејан Пановски, екологист и Координатор на ГЕФ Дримскиот Проект, извештајот го покажа правецот за иднината на Охридскиот регион.

– Извештајот на УНЕСКО дава точна слика и прецизни препораки за сите активности идентификувани како потенцијално загрозувачки за статусот на регионот. Препораките укажуваат на стопирање на активности за изградба на одредени делници на регионалниот пат Охрид – Свети Наум, да се напуштат плановите за скијачки центри во зоните на националниот парк и наместо тоа да се воведат еко туристички планови. Се препорачува мораториум на градби во крајбрежната зона до донесување на менаџмент планови. Потоа да се донесат заштитните зони, да се внимава на ендемичните форми на флора и фауна, да се внимава на управувањето со нивото на езерото, управувањето со отпадните води и цврстиот отпад, како и унапредување на билатералната соработка. И секако ограничување на употреба на возила во заштитеното градско јадро. Ако ги видите сите овие препораки, речиси се идентични со сето она за кое години наназад се залагавме, работевме и носевме процеси. Затоа што тоа е цивилизациски однос кој вакви вредности и наследство. Почитувањето на овие препораки ќе значи зачувување на статусот, но и зачувување на вредностите и базирање на развојот. Непочитувањето пак ќе значи, сечење на гранката на која стоиме затоа што статусот под УНЕСКО, освен за зачувувањето е значаен и за полтичките односи. На крај сами ќе треба да одлучиме што сакаме. Ние работевме за заштитата. И засега генерално успеавме, вели Пановски.

Извештајот на УНЕСКО беше изготвен по мониторингот кој во периодот од 9-ти до 14-ти април беше спроведен во Охрид. Објавен беше вчера, а во целост можете да го погледнете ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука