Скопје/Охрид, 10. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на Меѓународниот ден на чистиот воздух, УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија објави нов документ за политики во кој истакна дека во 2021 година, над 5.480 доенчиња во 23 земји и територии низ Европа и Централна Азија починале од причини поврзани со аерозагадувањето.
Во Република Македонија, смртните случаи на новороденчиња кои се поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година.
Извештајот наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ забележува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според СЗО, и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.
Во Македонија, ризиците од загадениот воздух се особено високи. Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината. Според новите податоци, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, загадувањето на воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови.
– Овие податоци се особено загрижувачки, бидејќи раната и честа изложеност на загаден воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето во текот на целиот живот. Децата уште сега го искусуваат климатскиот хаос со кој ќе се соочуваат цел живот. Болестите и смртните случаи предизвикани од загаден воздух може да се спречат, но ни требаат климатски политики во кои ќе се води сметка и за децата. Тука спаѓаат политиките со кои се намалуваат загадувачките супстанции и се подобрува квалитетот на воздухот таму каде што децата учат, живеат и си играат, вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Во документот за политики се посочува дека бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје поради загадениот воздух. Раната и честа изложеност на загаден воздух – почнувајќи уште од матката – води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии. Дишењето загаден воздух може да предизвика воспаление на мозокот, да го попречи растот и да влијае врз когнитивниот развој, како и на училишниот успех.
УНИЦЕФ апелира до владите и институциите во земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да посветат повеќе внимание и ресурси на борбата со аерозагадувањето, да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и подобрувањето на квалитетот на воздухот, и да ги заштитат бремените жени и децата од загаден воздух.
Според овие препораки, загадениот воздух и неговите ефекти врз здравјето на децата треба да станат дел од Националните утврдени придонеси (НУП), Националните планови за адаптација (НПА), националните и локалните планови за квалитет на воздухот, и националните здравствени планови; треба да се воспостават зони без загадување околу училиштата, градинките и здравствените установи; треба да се постават и да се одржуваат системи за предупредување во врска со квалитетот на воздухот во близина на станбени згради, игралишта, здравствени установи, градинки и училишта, а јавноста треба редовно да се информира за квалитетот на воздухот.
Понатаму, треба да се размисли како да се подобри прочистувањето на воздухот во домот и на работното место за бремените жени. Конечно, товарот од инфекции со бактериска пневмонија кај доенчињата треба да се намали преку проширување на опфатот со пневмококна конјугирана вакцина (ПЦВ), кој во Македонија изнесува 56 проценти, што е многу помал опфат од просечните 86 проценти во европскиот регион на СЗО. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Нова Македонија