Охрид, 1. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани денеска и утре преку урбаната изложба на Историскиот архив имаат можност да го погледнат рекламниот материјал од прикажани проекции на филмови во киното „Охридско Езеро“ во периодот 1939-1941 година.
– Први април е датумот кога во 1951 година е формиран Државниот архив, па овој ден се прославува како ден на архивистите. На плоштадот кај „Мини маркет“ во Охрид, изложени се седум паноа со по девет постери на кои се прикажани наслови на филмски проекции од 1939 -1941 година, испринтани во печатницата на Никола Герман. Изложбата освен денес, може да се погледне и утре од 10:00 до 15:00 часот, вели за Супер радио и OhridPress раководителот на Историскиот Архив во Охрид, доц. д-р Никола Митровиќ.
– Интересен е фактот што овие филмови после светската премиера за многу краток временски период биле прикажувани во Охрид. Во наредниот период нѐ очекуваат многу урбани изложби бидејќи таквите имаат повеќе ефект при разгледувањето, вели Митровиќ.
Најави дека ќе бидат прикажани и досега необјавени фотографии од селото Пештани, како едно од главните туристички места, со што странските и домашните посетители ќе можат да го воочат ова прекрасно место од историски аспект.
Историскиот Архив во Охрид постои полни 73 години. Оваа институција е од огромно значење, не само за градот Охрид, туку и за целокупното западно македонско подрачје што го опфаќа. Низ годините тука се собираат и складираат документи кои сведочат за личности и настани кои одбележале едно време, а тоа продолжува во континуитет. Најстарите документи кои ги поседува установата датираат од 13-от век. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес