Охрид, 15. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со усвојувањето на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Комитетот за светско наследство и преземените мерки и активности наведени во него, опасноста Охридскиот регион да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО е отстранета.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ѝ зададе на земјава препораки содржани во Одлуките 41 COM 7B.34 усвоени на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Краков, Полска во јуни 2017 година.
На крајот на минатиот месец, граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ потсети на распоредот на Реактивната мониторинг мисија за итните мерки што треба да ги спроведе државата и во кои се очекува напредок, како не би се довеле во ситуација Охрид да биде ставен на Листата на Светско наследство во опасност.
Меѓу мерките кои беа потенцирани беше трајно отфлање на планот за ски центар во Националниот парк Галичица, трајно отфлање на секциите А и Е и суспендирање на останатите секции од планираниот експресен пат А3 низ Националниот парк Галичица, иницирање на Стратешка оцена за влијанието врз животната средина за Планот за управување со охридскиот регион 2016-2025, како и стопирање на процесите на легализација на бесправно изградените објекти сè додека не се направи нивна евиденција и не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти.
Колку за потсетување на 1-ви февруари се одржа основачкиот состанок на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, на која министерот за култура Робер Алаѓозовски ја истакна важноста на Охридскиот регион како еден од најрепрезентативните региони во Република Македонија според големата концентрација на природни и културни вредности.
Владата на последната седница го задолжи Министерството за култура, преку Национална комисија за УНЕСКО да го достави извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес