август 8, 2019

Охрид, 8. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – До овој момент немам добиено решение за рушење на мојата пицерија кај Чинарот, изјави советникот од редовите на ДУИ, Нефи Усеини, чиј објект е меѓу најспоменуваните дивоградби изминтиов период.

Усеини уште еднаш потенцира дека неговиот објект е легален, дека поседува соодветна документација, дека не е цврста градба, туку е железна конструкција и за која се платени сите давачки кон општината и државата. Вели дека се залага за правда, а ако налага законот и се постапува неселективно во однос на рушење на дивоградбите, тој сам ќе го сруши својот објект.

– Изминатов период константно се зборува за мојата пицерија. Објектот не е од денес, таму е години наназад. Мојата пицерија е легална, не е дивоградба, има извод на план гласан на совет. Имам документи, 12 години плаќам придонеси. За оваа година поминат е извод од план за поставување урбана опрема како и реновирање и реконструкција, не е нова градба, за што имам докази. Мојот објект не е тврда градба, е железна конструкција, неколку парчиња што се камења се залепени на кнауф. Ако пречи за УНЕСКО јас ќе ја рушам сам, не сакам да му наштетам на градот. Да престанеме со овие лажни вести, лесно е да се зборува тешко е да се сработи. Ова е политичка хајка против мене за да ги покријат нивните проблеми, истакна Усеини.

Тој подвлече дека не е против законот да се уриваат дивоградбите, но да се рушат сите објекти по крајбрежјето кои се проблем за УНЕСКО, да се ослободат сите тротоари да се отстранат дивоградбите во заштитената зона на Галичица. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука