Охрид, 20. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Сопственикот на дивоизградениот објект кај Стариот чинар во Охрид, советникот Нефи Усени, со писмо до медиумите појаснува дека за летната тераса „Луна“ уредно на општината и на државата и ги исплаќа давачките односно надоместот за закуп.
Усени наведува дека врз него изминатиот период се врши постојан медиумски притисок, особено по градежните активности на локацијата, и оценува дека тоа се активности за дискредитација на неговото име, углед и политички поени.
– Компанијата „Нефи ИК“ во чиј склоп е и ресторанот „Луна“, постои повеќе од десет години, со повеќе од 200 вработени, социјално одговорна фирма што уредно ги плаќа обврските и давачките кон Република Македонија. Компанија која е и помага на многу загрозени семејства, но и компанија која го поттикнува спортот и екологијата. Затоа и ме чуди целата оваа хајка кон мене, започната од одредени медиуми, а продолжена од политичките партии, за локација за која што уредно имам поднесена и заверена документација во градот Охрид и за која што навремено ги подмирувам обврските кон градот, за закуп на летна тераса како закупец веќе 11 години, вели Усеини.
За реновирањето на летната тераса на ресторанот „Луна“, тој појасува дека било спроведено со изработен елаборат, со почитување на квадратурата за која што плаќал закупнина и за која тврди дека го нарушува зеленилото или естетскиот изглед на плоштадот Крушевска Република.
– Сметам дека е крајно некоректно да се користи името на мојот ресторан како дел од проблемите на градот Охрид со УНЕСКО и ја поттикнувам иницијативата на премиерот Заев, дека законот мора да важи за сите. Затоа и апелирам до медиумите да ја задржиме презумцијата на невиност се додека градот Охрид не одговори по дадениов случај. Крајно е некоректно да се спроведува ваква хајка против компанија која што долги години работи за подобрување на условите за живот во Охрид, за унапредувањето на бизнисот и на туризмот во овој крај, а јас како советник секогаш сум се залагал и сум ги застапувал интересите за подобар живот на сите мои сограѓани, наведува Усеини во соопштението.
Тој искажува и подготвеност да одговори на прашања на медиумите во врска со случајот, истакнувајќи дека за утврдување на вистината на новинарите ќе им биде достапна валидна документацијаза закуп на просторот. (Крај)
извор: Прес24 фото: Прес24