октомври 12, 2017

Лондон, 12. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Италијанскиот тенисер Фабио Фоњини може да заработи суспензија на два гренд слем турнири доколку направи голем прекршок во 2018 и 2019 година, откако беше казнет за непристојните коментари кон судијката на САД опен.

30-годишниот Фоњини со погрдни зборови се обрати кон шведската судијка Луис Енгцеле при поразот во првото коло на Флешинг Медоуз, за што првично беше казнет со 24.000 долари, а сега добива дополнителна казна од 96.000 долари.

„Г-динот Фоњини ќе биде суспендиран од учество на два гренд слем турнири, од кој еден ќе биде на САД опен, доколку направи прекршок во следните две години“, се вели во соопштението на бордот на гренд слем турнирите.

Фоњини веќе се извини за инцидентот, и најави дека нема да се жали на одлуката.

„Се извинувам на сите. Не само на судијката, туку на сите кои се почувствуваа навредени, во прв план на жените. Јас сум татко, оженет, имам мајка и сестра и никогаш не сум бил сексист. Направив грешка“, изјави Фоњини. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука