октомври 1, 2017

Лондон, 1. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Узбекистанскиот мултимилијардер, Алишер Усманов, сака по секоја цена да стане доминантен сопственик на Арсенал и за да успее во тоа е подготвен да стори сѐ што е во негова моќ.

А, неговата моќ е огромна, бидејќи овој тајкун „тежи“ неверојатни 11,2 милијарди фунти и моментно е сопственик на 30 отсто од вкупните акции на клубот.

Доминантен сопственик на Арсенал е Американецот Стан Кронке, кој неодамна одби една милијарда фунти од Усманов за да ги продаде неговите 60 отсто од акциите во Арсенал.

Сепак, Усманов не се откажува така лесно и планира да му понуди двојно повисока понуда на Кронке, кој дефинитивно два пати ќе размисли пред да одлучи, пред сѐ бидејќи понудата е речиси една четвртина од неговото вкупно богатство.

Усманов се надева и на поддршката од навивачите на клубот, кои не се задоволни како Американецот ги води топчиите откако ги презеде во 2011 година. Симпатизерите на Арсенал досега организираа неколку протести против Кронке поради скапите влезници, лошите засилувања и бидејќи тимот никако не успева да се вмеша во трката за титулата. (Крај)

извор: Спорт1.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука