Охрид, 25. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Европската премиера на „Дениција“, во копродукција помеѓу Народниот театар од Охрид и парискиот театар „Иси е ла“, работена според истоимената поема на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски, во режија на Константин Плевнеш, доживеа успех на изведбата во едно од најстарите кабареа во Брисел – „Ос а Моел“.
Најавувана како „љубовен Молотов коктел од Македонија“, претставата го означи крајот на фестивалот Балкан Трафик, а нејзината поетска, музичка и кореографска сила ги освои срцата на белгиската публика. Актерите Рубенс Муратовски, Димитрина Мицкоска и Саша Ефтимова беа наградени со долготрајни аплаузи , кои беа упатени и на останатиот дел од уметничката екипа: сценографијата на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска, серијата слики на Сергеј Андреевски и видео проекциите на Милчо Узунов.
Воодушевен од откритието на македонската уметничка екипа, директорот на бриселскиот театар Самуел Бернард, му предложи на директорот на охридскиот театар Горан Стојановски да потпишат меморандум за соработка меѓу Брисел – престолнината на ЕУ и Охрид, градот на УНЕСКО. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива