Охрид, 1. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во селото Скребатно утре ќе се одржи манифестацијата „Охридска софра“.
Официјалниот почеток е закажан за 09:00 часот, кога пријавените учесници ќе започнат со подготовка на традиционална храна, како и еден од најпознатите традиционални производи кај гостите и туристите – ѓомлезето.
Покрај пријавените за учество, дел од манифестацијата ќе бидат и студентите од ФТУ – Охрид кои ќе подготвуваат најразлични спецјалитети.
И годинава „Охридската софра“ има натпреварувачки карактер, ќе се избира највкусното ѓомлезе. Вкупниот награден фонд е 20.000 денари, кои ќе биде поделен на 10.000, 7.000 и 3000 денари, соодветно за прво,второ и трето место.
На овој начин уште еднаш ќе се промовира алтернативниот туризам во охридскиот регион, а се продолжува и традицијата која е темел на нашиот рурален развој. Манифестацијата ќе биде збогатена со настапот на ансамблот „Билјана“.
За граѓаните кои сакаат утре да бидат во Скребатно, обезбеден е бесплатен превоз. Тргнувањето е во 09:45 часот пред Охридска Банка – превозник Бале турс и во 10:00 часот пред Домот на култура во село Лескоец. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива