Лос Анџелес, 21. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Утревечер во Долби театарот во Холивуд, Лос Анџелес, ќе бидат доделени наградите на Американската филмска академија – Оскарите.
Осумдесет и седмото издание на Оскарите ќе донесе вкупно 24 категории, во кои ќе бидат крунисани најдобрите.
Актерот Нил Патрик Харис ќе биде домаќин на настанот.
Ова се номинациите на некои од поважните категории:
Најдобар филм – „Американски снајперист“, „Човек птица“, „Детство“, „Хотел Гранд Будимпешта“, „Игра на имитација“, „Селма“, „Теоријата на се’“ и „Виплеш“.
За најдобар режисер номинирани се: Вес Андерсон за „Хотел Гранд Будимпешта“, Алехандро Гонзалес Инариту за „Човек птица“, Ричард Линклејтер за „Детство“, Бенет Милер за „Ловец на лисици“ и Мортен Тилдам за „Игра на имитација“.
За најдобар актер номинирани се: Стив Керел, Бредли Купер, Бенедикт Камбербач, Мајкл Китон и Еди Редмејн. Додека за најдобра актерка номинирани се: Марион Котилард, Фелисити Џоунс, Џулиен Мур, Розмунд Пајк и Риси Витерспун. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива