Охрид, 20. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници утре го одбележуваат денот на Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица), еден од големите празници на Светата православна црква, кој се прославува на 21-ви септември.
Иако овој празник се смета за почеток на сите празници, сепак, тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните, покрај на Исус Христос, можеле да и оддадат заслужено признание и на неговата мајка.
Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат.
Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.
На Мала Богородица, исто како и на Голема, според народните верувања, жените не треба да чистат низ куќата, да перат алишта и да извршуваат слични работи.
На овој ден не е добро ниту да се започнуваат никакви нови работи, туку тоа треба да се одложи за некој од наредните денови. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива