Охрид, 27. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Утре започнуваат Божиќните пости кои траат 40 дена, пред големиот празник Рождеството Христово Божиќ, на 7-ми јануари.
Православната црква запишала дека Божиќниот пост е востановен за верниците да можат, во пресрет на Рождеството Христово, да се исчистат себеси со покајание, молитва и пост, и со чисти срца, душа и тело, благоговејно да го пресретнат Синот Божји што се јави во светот, принесувајќи му го, наместо обични дарови и жртви, чистото срце на верниците и желбата за последување на Неговото учење.
Секој пост има правила, во кои денови се пости стого, а во кои денови е дозволено масло, вино и/или риба. Верниците строго се придржуваат на црковните правила. Во последната недела пред Божиќ, постот станува построг. Не се консумира риба и се препорачува да се пости на вода. На Бадник не се консумираат ни масло ни вино и верниците постат само на вода. Важно е за православните христијани од државите во кои Нова година се слави по новиот календар да не ги прекршат постите за новогодишната ноќ. Се препорачува Нова година да ја слават по православниот календар, почитувајќи ги традицијата на предците и црковните правила.
Според толкувањето на многу свештеници, постот вклучува воздржување од мрсна храна, злобни мисли, сексуален нагон и лоши дела. Истовремено, се препорачува почесто молење и правење добро. (Крај)
извор: МПЦ-ОА фото: архива