Охрид, 31. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Утре, 1. февруари 2022 година започнува четвртата сезона на Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“.
Проектот е од информативно-едукативен карактер, а на него работеа професори и доктори од Детската клиника и Клиниката за Неврологија во Скопје во текот на изминатата година. Преку соодветни текстови, подоцна преточени во видео и аудио записи ќе се запознае јавноста со ретките дијагнози од кои заболуваат бројни граѓани и на нашата земја.
– Со овој проект ќе се обидеме да ја подигнеме јавната свест, со цел да ги доближиме проблемите и предизвиците со кои се соочуваат пациентите со ретки болести и нивните семејства, до јавноста и институциите. Лолеска Гордана, Супер радио, „Ретко е да си редок“ и „Живот со предизвици“, оваа година ја изработија четвртата сезона од проектот „Ги запознаваме ретките болести“, преку која стигнавме до респектабилна бројка од 111 обработени дијагнози. За таа цел беа изработени 28 текстови за веб портали, 28 аудио клипови и 28 видео клипови на македонски и албански јазик. Како новитет годинава е и официјалната веб страна на кампањата, на која се поместени сите податоци и материјали од претходнит кампањи. На овој начин ќе се продолжи континуитетот со запознавањето на општата популација со ретките дијагнози кој би довел до саканите ефекти на истиот. Оваа година, за Денот на ретките болести 2022 година ги повикуваме сите да и помогнат на заедницата за ретки болести да се обедини со ланец светла низ целиот свет. Како и секоја година, така оваа се приклучуваме кон глобалниот повик на ЕУРОРДИС за осветлување на локални и национални згради и споменици, потенцира Лолеска во најавата за кампањата.
Во рамките на Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2022“, од утре, и во текот на целиот месец февруари, покрај материјалите кои ќе се емитуваат на близу 60 национални, регионални и локални медиуми во државата, ќе биде осветлена Самуиловата тврдина, како едно од најважните обележја на Охрид, а во знак на поддршка на пациентите кои се борат со ретки болести и нивните семејства.
– Но, секако дека не застануваме тука, па затоа Ве повикуваме да ни се придружите, осветлете некој објект или дајте ни ваш предлог за илуминација на некоја зграда, споменик и сл. Истиот ден во боите на ретките болести ќе светнат и општинските згради на општините Охрид, Дебрца и Струга, потенцира Лолеска.
Настанот од осветлувањето ќе може да го следите во живо на следниот линк. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива