News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 9, 2024

Охрид, 9. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници утре ќе го слават споменот на Светата Маченичка Параскева (Света Петка Икониска).

Ова е еден од празниците што нашиот народ најмногу ги прославува, а познат е и како Петковден. Се празнува во секој крај, а има силен култ во Охридско. Секаде има свои обичаи, но сите носат вино, лепче и пченица во црква. Kултот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води. Петковден како домашна слава се празнува со служби посветени на св. Петка, а го празнуваат голем број македонски семејства.

На Петковден именден слават Петко, Петкана, Параскева, Пенка.

Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува утре. Сите три името го добиле бидејќи биле родени во петок кога (пред христијанството) Евреите се подготвувале да го одбележат празникот и неработен ден-сабота. Уште од тоа време Параскева значи подготовка.

Според житието на св. Петка Епиватска, таа е родена во Епиват во Тракија, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на 10 век. Нејзините родители биле од словенско потекло, побожни луѓе, па така ги одгледувале и своите деца. Параскева била многу мала кога покажувала интерес за монашкиот живот. Имала брат Ефтимие, кој подоцна станал епископ мадитски.

Параскева живеела со своите родители до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, па во јорданската пустина (денешен Израел) каде што живеела во пост и во молитва до староста. Се вратила во родниот Епиват каде што по две години се упоколила, според житието, во 11 век. Нејзините чудотворни мошти биле пренесувани од место во место, а денес се наоѓаат во романскиот град Јаши.

Населението верува дека св. Петка е заштитничка на луѓето, ги чува од суша, поплави, неплодност, громови и од многу други несреќи. Празникот Св. Петка повеќе го празнуваат жените.

Има уште два празника посветени на св. Петка – Преподобна маченичка Петка (Римјанка) која се слави на 8-ми август, и Преподобна маченичка Петка (Икониска), која се одбележува на 10-ти ноември. Денешната се нарекува и Црна света Пека бидејќи светицата секогаш била облечена во црно. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука