Охрид, 13. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Денес особено во југозападните и понекаде во јужните делови од земјата ќе има врнежи од снег со повремено умерен интензитет, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија.
Најмногу снег во изминатото деноноќие наврна на Попова Шапка 64 сантиметри, во Маврови Анови снежната покривка е 57, во Круешево 36, Дебар 34, Штип 32, Демир Капија 31, Тетово 30, Берово 27, Прилеп 20, Охрид 17, Струмица 15, а во Скопје 11 сантиметри.
На Попова Шапка утрово е и најстудено 10 степени под нулата, -8 се измерени во Маврови Анови и Крушево, -5 во Берово, -4 во Крива Паланка, Битола, Прилеп, Охрид и Претор, -3 Тетово, Дебар и Виница, -2 во Скопје, Куманово и Штип, -1 во Велес, Кавадарци, Струмица и Демир Капија, а 0 во Гевгелија.
Во Охрид денес облачно и студено време насекаде со врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 1. степен.
– Денес ќе има повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет, а услови за провејување на слаб снег ќе има и во вторник. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: УХМР фото: ОхридПрес