Охрид, 22. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Прекрасни лекари, прекрасна работилница, прекрасни ученици. Децата да не се плашат од белиот мантил. Учениците од ООУ „Кочо Рацин“ одржаа работилница „Професија лекар, запознавање и карактеристики“ со д-р Александар Стевоски од ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, а на работилницата учествуваше и д-р Георги Ставрески.
– Учениците од второ и трето одделени, по техниката бура на идеи, асоцијација на поимот лекар, по однапред составувани прашања им ги поставуваа на гостите-лекари Александар Стевоски и Георги Ставрески, кои љубезно и внимателно одговараа. Што Ве инспирираше да станете лекар? Кое е најважното знаење што еден лекар треба да го поседува? Како изгледа еден ваш типичен работен ден? Кој е најголемиот предизвик со кој се соочувате на вашето работно место? Како ја одржувате концентрацијата и смиреноста во стресни ситуации? Кој е најубавиот дел од Вашата професија? Како се справувате со емоционално тешки случаи? Кои се најважните квалитети што треба да ги поседува еден добар лекар? Повеќе сакате да работите со деца, возрасни или постари лица? Зошто? Што би им препорачале на оние кои размислуваат да станат лекари? – беа само дел од прашањата кои им ги поставија најмладите на докторите Стевоски и Ставрески.
Д-р Александар Стевоски им објаснуваше со што работи во неговата ординација, а потоа учениците во работен лист откриваа какви болести се претставени на сликите (настинки, грип, сипаници, труење со храна, скршеници, исеченици).
– Извлековме заклучок дека треба да се прифаќаат советите на лекарите: земање лекови, пиење течности кога сме болни и употреба на здрава храна, здрав живот и спортување за квалитетно здравје, информира одделенскиот наставник Виолета Петковска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива