Охрид, 25. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Општинското угостителско туристичко училиште „Ванчо Питошески“ од Охрид учествуваше на манифестацијата „Образовно рандеву 2017“ во организација на Македонска асоцијација на средни стручни училишта, што се одржа во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ во Скопје.
Учениците преку свој штанд на саемот за образование во холот и дворот на училиштето ја презентираа работата, образовните профили, наставата, наградите, успесите, а исто така имаа можност преку натпревари, работилници, талент шоу и модна ревија да ги прикажат сите свои способности и да го претстават училиштето во најдобро светло. Во оваа категорија, охридските ученици го освоија второто место.
Учествуваа 34 ученици во 11 различни категории под менторство на нивните професори и координаторот – ментор проф. Перчо Божиновски. Тие имаа можност да ги покажат своите знаења, умеења и вештини. На натпреварите учениците постигнаа високи резултати заземајќи различни места и пласирајќи се од 2 до 44 место во конкуренција на 64 средни училишта, во одделните категории: штанд, драмска претстава, модна креација и ревија, поетска творба, веб-страница, интервју за работа, маркетинг план, јавен говор, серва, баскет, пинг-понг.
Училиштето и во иднина ќе продолжи да учествува на вакви манифестации и натпревари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОУТУ „Ванчо Питошески“