мај 14, 2017

Охрид, Троген, 14. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – На настанот за интеркултурна размена во детското село Песталоци во Троген, Швајцарија, ќе имаат можност да присуствуваат и ученици од Основното училиште „Братство Единство“ од Охрид.

Проектот ќе се реализира во периодот од 20 јуни – до 4 јули. Охридските ученици заедно со нивните врсници од избраните основни училишта од Прилеп, Штип, Гостивар и Битола, ќе се здобијат со знаења и вештини поврзани со правата на децата, почитување и толеранција на вредностите помеѓу различните култури.

Во тек е повикот за учество на овој настан, кој се спроведува преку Коалиција на младински организации СЕГА. На 17-та по ред интеркултурна размена, ќе се реализира проектот „Имплементација на Конвенцијата на правата на детето во Република Македонија”.

По завршувањето на интеркултурната размена учесниците имаат одговорност задолжително да се вклучат во имплементација на активности од акционите планови креирани за време на размената а се директно поврзани со активностите во проектот „Имплементација на Конвенцијата на правата на детето во Република Македонија”.

Предност при изборот ќе имаат кандидати/ки од ранливи категории (ученици кои живеат во рурални средини, припадници на различни етнички групи, деца од семејства со пониски приходи, итн.

Коалиција на младински организации СЕГА ги поканува сите заинтересирани кои ги исполнуваат критериумите за учество да се пријават со пополнување на електронска пријава за учество на веб страната на Коалиција СЕГА www.sega.org.mk најдоцна до 17 мај 2017 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука