Скопје, 5. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска им ги додели дипломите на учениците победници на натпреварот „Лидер 2019″, со што тие официјално беа прогласени за лидери меѓу врсниците во својата струка.
Меѓу нив се и Дарко Наумовски од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски” од Охрид во сообраќајната струка и Стефан Аврамоски од „Ванчо Питошески” во Охрид во угостителско-туристичката струка.
Како што соопшти Министерството за образование и наука, на натпреварот кој се организира веќе шеста година меѓу ученици од завршните години во средните стручни училишта, натпреварувачите го презентираат своето теоретско и практично знаење од струката која ја изучуваат и тоа најпрво на ниво на училиште, а потоа и на државно ниво.
Оваа година се прогласени средношколски лидери во девет струки, во колку што и се пријавија ученици за натпреварување. Покрај дипломата, секој ученик – лидер на струка, како и наставникот кој го подготвувал за натпреварот ќе добие и парична награда од страна на Министерството за образование и наука во висина од 10.000 денари.
– Им честитам на сите победници на натпреварот и им посакувам уште многу успеси и понатаму во текот на образованието, а и потоа, што е уште поважно. Тоа што го научиле, а научиле многу, со оглед на освоените први места, посакувам да им донесе стабилен и високо платен работен ангажман во иднина, изјави Адеми, изразувајќи благодарност и до сите останати ученици кои пројавиле интерес за учество во натпреварот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива