Охрид, 19. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Училишниот одбор во Средното општинско стручно училиште „Свети Кирил и Методиј“ денеска ќе прегласува за избор на директор во оваа новоформирана образовна установа.
Како што е познато, „битката“ се води помеѓу сегашната в.д.директорка, професорката Славица Костоска која во ова училиште има 26-годишен стаж и положен директорски испит и Никола Тренески, професор по географија.
Костоска беше назначена за в.д.директор на СОСУ „Свети Кирил и Методиј“ со решение на градоначалникот на Општина Охрид Никола Бакрачески во јули минатата година. Во рамките на постапката за избор на директор на училиштето, Училишниот одбор кон крајот на минатиот месец на Костоска и’ изгласа доверба за директор на оваа образовна институција, но постапката за гласање ќе се повтори и попладнево.
Училишниот одбор во училиштето е составен од 11 члена. Од нив, четворица произлегуваат од наставничкиот совет, тројца од советот на родители, тројца се делегирани од Локалната самоуправа, а еден од страна на Министерството за образование и наука.
Советот на родители во ова училиште кон крајот на минатиот месец својата поддршка за професорката Костоска да биде избрана за директорка ја достави и до градоначалникот Бакрачески.
– Ние не сме релевантен фактор но сме дел од оваа установа. Дадовме безусловна поддршка за сегашната в.д.директорка затоа што и учениците и родителите се задоволни од нејзиното работење. Од самиот почеток на учебната година, без помош од стручни служби, таа успева да го движи училиштето напред без да се почувствува каков било недостаток во функционирањето на целата образовна установа, велат од Советот на родители.
Дознаваме дека денеска и учениците од ова училиште започнале да собираат потписи во знак на поддршка за професорката Славица Костоска.
Економските и медицинските паралелки во Охрид, наместо како досега во рамките на Охридската гимназија, од оваа учебна година функционираат во рамките на училиштето „Свети Кирил и Методиј“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива