Охрид, 2. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес регистрира нов земјотрес со епицентар во охридското епицентрално подрачје.
Земјотресот се случи во 14:31 часот со Рихтерова локална магнитуда од 2.7 степени. Според досегашните податоци, земјотресот беше почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III-IV степени според Европската Макросеизмичка скала.
Силен земјотрес со јачина од 4.1 степени го затресе Охрид и во 11:39 часот. Епицентарот на земјотресот бил на 5 километри западно од Охрид и 8 километри јужно од селото Мислешево, на длабочина од 2 километри. Според досегашните податоци земјотресот беше почувствуван во Охрид и околината со интензитет од VI степени според Европската Макросеизмичка Скала, во Ресен и Струга со V степени, а во Битола земјотресот беше почувствуван со итензитет од III-IV степени според истата скала.
Ова беше втор земјотрес денес во охридското епицентрално подрачје. Првиот се случи во 09:58 часот со Рихтерова локална магнитуда од 2.4 степени. Според досегашните податоци, земјотресот беше почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската Макросеизмичка Скала. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива