јули 18, 2019

Скопје/Охрид, 18. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од Управата за јавни приходи (УЈП) информираат за неправилностите коишто од почетокот на мерката поврат на 15 % од пресметаниот ДДВ, граѓаните ги пријавуваат на бројот 198.

Од 1 јули 2019 година, најзабележителни се пријавите за неиздавање на фискални сметки, како и за сметки коишто граѓаните не можат да ги скенираат. Најголем дел од пријавите се однесуваат на ресторани, маркети, мини маркети, колонијални продавници, фризерски студиа и друго. Некои правни лица се пријавувани и по повеќепати, а има и општини за кои граѓани тврдат дека речиси ниту едно правно лице не издава фискални сметки.

Граѓаните ја известиле Управата за јавни приходи и за нерегуларности и во општина Охрид. Фискална сметка не им била издадена во ресторан и на место каде се продавале билети на настан.

Се’ почести се јавувањата за купување на производи од продавници коишто своите производи ги нудат и преку интернет, најчесто облека за што на граѓаните нарачаниот производ им се доставува без да им биде издадена фискална сметка.

Мерката поврат на 15 % од пресметаниот ДДВ е од корист и на граѓаните и на државата. Оваа мерка значително ќе помогне и во намалувањето на сивата економија. Согласно пријавите и по службена должност Управата за јавни приходи ќе спроведе интензивни контроли со цел проверка и утврдување на фактичката состојба на терен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: правдико.мк

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука