За Охридцките работи
Бр. сл. 012/05/2014
Охрид, 19. мај 2014 година
Ако не повеќе, јас сум Ви сведок дека во Охрид има барем 438. луѓе кои се против ЛУДИЛОТО кое денес повторно му се случува на градот. Тоа е ЛУДИЛО кое мислевме дека го заборавивме зад нас, ама еве го најдовме пред нас.
Почетокот на ноември 2011. година беше периодот кога започна сечењето на дрвјата во центарот на Охрид. Едноставно беше неверојатно да се гледа со каква леснотија одговорните носат одлуки за толку важни работи, за кои одредени градски ликови ми викаа – „абе Митан и ти за неколку дрвца војна правиш – ќе посадиме нови“.
Ги гледав и не знаев што да им кажам. Јорде моја ме научи на некои работи, демек со постари полека, со почит, па си поќутив и не им реков ништо.
Ми личеа тогаш на тој идиотот градоначалник на Требиње кој по разурнувањето на Дубровик за време на војната изјави дека не е проблем и дека „ако треба ќе изграделе и постар и поубав Дубровник“.
И пошто краток ми е фитиљот кога ми ги чепка некој фамилијата или Охрид, реков ова нема да може вака. Направив група на ФБ колку да видам да не случајно е кај мене проблемот, но сите сомнежи ми ги расчистија моите охриѓани кои за само неколку часа се собраа во огромен број. Започнавме акција за „Спас на дрвјата во центарот на градот“ која доби широка медиумска поддршка од дел од колегите во Охрид, а огромна од колегите од државата. Јас во оваа прилика им благодарам на сите кои беа доволно „опулени“ да ги стават во залог неколкуте илјади денари кои ги добиваа од локалната за „банерчињата“ и рекламчињата и отворено застанаа зад идејата. На истата идеја се „налепија“ и одредени партии кои понудија поддршка и масовност на најавеното собирање потписи, но им се заблагодарив културно и им порачав дека 10 луѓе да се потпишат, за мене ќе се доволни, но да биде акцијата вистинска и од срце. И не беа 10, туку близу 500 охриѓани се потпишаа во работен ден и токму пред Општина Охрид. Јас најискрено им благодарам на сите кои имаа храброст да го направат тоа и да им кажат на тогашните властодршци дека не можат да си поигруваат како сакаат со град како Охрид.
Уште една пикантерија од тој период.
Кога собиравме „коалициони партнери“ за акцијата, покрај медиумите како логичен избор се наметнаа и еколозите. Дали можете да замислите каков беше „шамарот“ кој го добив барајќи едни од „најизвиканите“ еколошки здруженија во градов, од каде добив одговор дека замислете „тие претходно биле консултирани“ и дека „дале зелено светло за сечењето на дрвјата по улицата Димитар Влахов“. Изговорот беше дека „биле трули, ќе паднеле“ или не знам што. Единствено што падна тогаш беа маските, но нејсе…
Ак је бал нек је маскенбал другарчиња…
Тогашниот директор на ЈП „Комуналец“ не нарече „квази-екологисти“, а тогашниот градоначалник, познат по досетливоста и елоквентноста вети дека „на сите на кои им фалеле липите, тој лично ќе им донесел по една за дома“. Што да каже човек, од некои луѓе да добиеш навреда е привилегија и доказ дека си на вистинската страна.
Е така беше тогаш, а (на моја голема жал) гледам така е и денес.
Денес сме на година и кусур од доаѓањето на новата власт во Охрид. Истата кој ветуваше препород, жичари, катни гаражи, ски центри, брда и долини… Утрово (ако веќе не ви беше и претходно) на сите веќе им стана јасно дека „се е исто, само него го нема“. Повторно истото лудило, повторно се сечат белите дробови на градот. Падна „Димитар Влахов“, паѓа „Партизанска“, а ќе падне и „Македонски просветители“.
Јас моето го кажав, а Вие како сакате.
Квази-екологистот
Сашо Митан