Скопје, 17. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Пет нови случаи на коронавирус во земјава. Четворица се здравствени работници од амбуланта на матични лекари во Дебар, а еден е сопружник на еден од веќе дијагностицираните случаи.
Со ова бројот на заболени во земјава достигна 31 лице, информира вечерва министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција.
– Четворицата здравствени работници се од приватна матична установа, дел од нив се носители на вирусот, еден е со симптони. Од утре во болницата во Дебар ќе бидат пратени двајца доктори од Клиника за пулмологија, епидемиолозите и инфектологот се веќе таму, рече министерот Филипче.
Тој соопшти дека во овој момент на скопскиот аеродром слетал авион од Брисел, каде што има луѓе со симптоми на грип.
– Овие луѓе веднаш ќе бидат однесени на Инфективна клиника во зависност од резултатите че се знае што понатаму, дали ќе бидат во домашна изолација или како. Не знаеме, можеби патниците имаат обичен грип, рече Филипче.
Тој нагласи дека не може да се забрани влез на наши граѓани од странство, но летовите се строго органичени. Потенцира дека на клиниките е направен распоред, програмот е сведен на минимум, се примаат само итни случаи, а меѓу лекарите физички контакта нема, по телефон се договараат меѓу себе.
– Целосно сме свесни дека здравствените работници се најмногу експонирани и мора да ги заштитиме. Мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем. Мора да се придржуваме на мерките, одлуките мора да се почитуваат, исклучително е важно за здравствените работници да бидат добро, тие имаат семејства, пожртвувано работат, помагаат. Упатувам апел до здравствените работници дека трудот, нивната работата е непроценлива, а до граѓаните да останат дома и да се придржуваат на мерките, рече Филипче. (Крај)
извор: ТвНова фото: архива