Скопје, 17. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека можно е пикот на ширењето на Корона вирусот да биде за еден месец.
Тој истакна дека во моментов во државата има 26 заболени лица и дека сите се во стабилна здравствена состојба. Додаде деке е можно бројката да достигне и до 2.000 заразени лица, но сепак нагласи дека се подготвени сите капацитети да се справат со опасниот Корона вирусот.
Тројцата новозаболени се од Скопје, на едниот вирусот му го пренеле гости од Србија, двајца се сопружници кои се вратиле од Бугарија со симптоми на Корона вирус. Тие една недела биле во самоизлација и не контактирале со други луѓе.
Утрово се тестирани 10, позитивни се резултатите на тројца кои се тестирале на клиниката „Жан Митрев“, а нивните резултати се потврдени и од страна на Институтот за јавно здравје.
– Првиот пациент е сместен на Инфективна, додека сопружниците се дома, тие ќе бидат однесени во болнички карантин денеска. Контактирани се сопатниците од авионот на патничката од Холандија, и тие ќе бидат тестирани, рече Филипче.
Тој додаде дека 17 пациенти позитивни на вирусот се во Скопје, а останатите 9 се во Дебар.
– Капацитетот на инфективна е подготвен. Првиот спрат се’ уште не е исполнет, а подготвен е и вториот спрат, ниту четвртина од капацитетот не е исполнет. Бевме исконтактирани и од кинеската амбасада за помош на маски, одела и респираторни машини, нагласи Филипче.
Тој напомена дека во соработка со Град Скопје ќе се зголеми бројот на автобуси во утринските и попладневните линии.
– Околу 200 луѓе кои се наоѓаат на Унгарско-српската граница организирано ќе преминат преку граничниот премин на Деве баир. Тие работеле во ризични региони во Италија и Австрија. Сите ќе одат во групен карантин во касарната „Пепелиште“ на Криволак, каде има соодветни услови, а објектот ќе биде обезбедуван од полицијата, информира Филипче.
Министерот повторно повика да се почитуваат препораките.
– Епидемијата е во силен ек. Очекувано е согласно епидемиолешките податоци, бројот на заболени да се зголемува. Треба да се спречи локалната трансмисија, останете дома, не се собирајте излегувајте само ако имате итност. Не се задржувајте во маркет. Одржувајте лична лигиена. Мора да пристапиме максимално сериозно. Мерките ќе ги заоструваме ако е потребно. Мора да го заштитиме здравствениот систем, бидејќи заразата се шири кога е оптеретен здравствениот систем. Никој не смее да помисли да ги прекрши препораките, затоа што сериозно ќе биде санкциониран.
На новинарско прашање поврзано со верските обичаи да се собираат луѓе зa погреб, Филипче рече:
– Може да ја разбeрам емотивната ситуација ако се работи за погреб, но ако ги прекршуваат препораките ќе барам и од верските заедници да се забранат сите собири, рече Филипче, кој уште еднаш ги нагласи сите владини препораки и рече дека очекува сите граѓани да ги почитуваат со цел да се запре ширењето на инфекцијата. (Крај)
извор: Фокус фото: архива