Скопје/Охрид, 20. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Играниот филм „Дедо и внук“ на познатиот охридски и македонски режисер Илија Пиперкоски ќе биде прикажан вечерва на Националната телевизија Тв Телма, со почеток во 19:15 часот.
Погледнете го играниот филм во режија на Пиперковски и кинематографија на Патру Паунеску. Приказната е раскажана преку очите на човек што ги цени вредностите на неговиот дедо и се бори да живее според нив. Филмот е семејна емотивна драма, огледало на секојдневниот живот на едно македонско семејство.
„Дедо и внук“ е добитник на бројни награди во земјата и странство, меѓу кои и наградата за најдобар странски филм на престижниот Independent Film Awards во Лондон, The Buddha International Film Festival, наградата за „Најдобар филм“ на Интернационалниот Филмски Фестивал во Париз, две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival, награда на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата играни филмови и многу други.
Режисерот Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, раскажува прекрасна приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.
Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“ од Романија. Директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива