Охрид/Скопје, 17. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На повеќе локации во Охрид и Скопје веќе полни две недели се снима филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски.
Дејството се одвива во Република Македонија, но приказната е универзална и е поврзана со личната потрага по среќата и по смислата на животот што се прашања заеднички за сите луѓе без разлика од каде доаѓаат.
Главните ликови во ова остварување се: Дејана Попоска, Сашко Коцев и Ана Стојановска, додека во другите улоги се појавуваат: Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. Покрај тоа што е режисер, Зафировски го напиша и сценариото во соработка со познатиот македонски драматург и писател Дејан Дуковски.
Филмот „Ефектот на среќа“ е во продукција на „Ново македонско видео“, а најголемиот дел од буџетот е обезбеден од Агенцијата за филм на Република Македонија. Копродуценти се „Њу момент“, „Видео хаус анимејшн“, Националниот центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива