Струга, 16. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва од 18:00 часот и утревечер од 19:00 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга премиерно ќе биде прикажан Филмот „Јанѕа“ на истакнатиот македонски документарист, Никола Т. Калајџиски, а посветен на Блаже Конески.
Ова филмско остварување е направено според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески.
Филмот е подготвуван и сниман во период од три години и ги следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници/истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучително и странски македонисти, кои важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци.
Претходно „Јанѕа“ се прикажуваше во Скопје и Битола, а по Струга ќе следуваат проекции во Штип и Прилеп. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива