Вевчани, 4. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од 12-ти до 14-ти јануари, во Вевчани ќе се одржи традиционалниот Вевчански карневал. Селото повторно ќе биде театар на отворено со многу креативност и импровизација и центар на сатирата за настаните што ја одбележаа минатата година.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на прес-конференцијата рече дека Вевчанскиот карневал е бренд на Република Македонија:
– Уникатен е зашто успева народните традиции да ги спои со една отворена критичка култура која Вевчанци ја негуваат. Овој фестивал има и огромен потенцијал да го развие руралниот и културниот туризам и ние во таа насока сакаме да го видиме неговиот иден развој. Министерството за култура продолжува да го поддржува карневалот, истакна Алаѓозовски кој додаде дека Вевчанскиот карневал е пример за децентрализација во културата.
Кирил Џајковски, Чалгија саунд систем, Фолтин и Џамбо Агушев се меѓу главните ѕвезди на годинешното издание:
– Покрај традиционалната програма и уникатната василичарска атмосфера, годинава ќе се одржи и богата забавна и музичка програма. На 12-ти јануари посебен DJ сет ќе има легендарниот Кирил Џајковски, а пред публиката ќе се претстават и Фолтин и Pluto’s Doubts. На 13-ти јануари, вевчанци и бројните гости ќе уживаат со музиката на Чајлгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска, информираат организаторите.
– Карневалот годинава е во викенд и очекуваме многу посетители од земјава и од странство. Вевчанскиот е најстар карневал, со најдолга традиција во Македонија и пошироко. Уникатен е и единствен, а учесниците ја имаат сета слобода да критикуваат и иронизираат, рече на прес-конференција вевчанскиот градоначалник Сашо Јанкоски.
Вевчанскиот уметник Симун Лешоски, автор на дизајнот за пасошот на Република Вевчани и на вевчанските банкноти – личниците, зборуваше за сите специфични обичаи за време на карневалот, кој е стар 1.400 години и има повеќе од 10.000 посетители.
Вевчанскиот карневал кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. И годинава ќе ги има традиционалните маски „зет и невеста“, „Глупавиот Август“ и музичарите, а секако и маските со кои се жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот. За времетраењето на карневалот, вевчанци од целиот свет се прибираат дома за да учествуваат во оваа претстава на отворено, во која има место за секој добронамерник со карневалски дух. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива