Струга, 1. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Реафирмација на процесот на децентрализација е темата на дискусија во рамки на форумот „Децентрализацијата повторно во фокус“ што во организација на Министерството за локална самоуправа, Мисијата на УНДП во Македонија и Делегацијата на ЕУ се одржа во Струга.
– Пред нас претстојат големи одговорности што произлегуваат од Програмските определби на Владата за реафирмирање на процесот на децентрализација и консолидирање на системот на локалната самоуправа, но и од програмите на локалните власти на кои граѓаните им ја дадоа довербата, истакна на отворањето на конференцијата министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
Поздравувајќи го новото раководство на Заедиците на локалната самоуправа како први партнери на централната власт во спроведувањето на политиките кои имаат директно влијание врз функционирањето на системот на локалната самоуправа, Фазлиу истакна дека врз основа на дефинираните приоритети новата власт започнува со создавање услови за финансиска стабилност на општините преку правична, транспарентна и предвидлива распеделба на средствата од централниот буџет.
– Истовремено ќе работиме и на проширување на надлежностите на локално ниво, во оние сегменти каде има реални услови за трансфер и за нивно поефикасно спроведување, забележа тој нагласувајќи дека токму децентрализацијата е еден од столбовите врз кои Владата ќе го гради концептот – едно општество еднакво за сите.
Постојаната претставничка на УНДП во Македонија Луиза Винтон во оваа прилика потсети дека изминатите две децении доста е сторено во областа на децентрализацијата, но забележа дека се уште постојат предизвици во тој процес, пред се во делот на финансирањето и надградбата на човечките ресурси нопходни за спроведување на зацртаните цели.
– Сега со новата Влада и најавите за поголема финансиска поддршка на локалната самоуправа, како и изборот на нови локални власти, сметаме дека е време да се седне на заедичка маса и да се изнајдат начини за подобрување на процесот на децентрализација, истакна таа.
Собирот во Струга ќе биде прилика новите градоначалници да ги претстават своите идеи по процесот на децентрализацијата, да остварат непосреден дијалог со централната власт, како и да се запознаат со можностите и помошта што во процесот на децентрализација на власта има стојат на располагање од страна на УНДП и ЕУ.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија Самоел Жбогар рече дека ќе го искористи присуството на новите градоначаници да се запознае со предизвиците со кои се соочуваат, како и да ги слушне нивните очекувања за тоа што може да го очекуваат како помош од Европската унија во процесот на децентрализација.
Кога станува збор за состојбата на процесот на децентрализација на власта во Македонија, тој истакна дека од остварените контакти со градоначалниците, како со претходните така и со новите, може да се забележи дека доста им е тешко како локални власти на вистински начин да ги спроведуваат надлежностите и да се справуваат со одговорностите, во услови на отсуство на соодвена финансиска поддршка за очекуваните активности.
– Градоначалниците и локалните власти се незаменлив дел од процесот на евроинтеграција на земјата и оттаму нашата заложба за давање целосна поддршка во тој процес, рече тој.
На Собирот во Струга се присутни градоначалниците на речиси сите општини во земјата, а за утре е предвидено со нив да се сретне и премиерот Зоран Заев. Организаторите на конференцијата сметаат дека тоа ќе биде добра можност новите локални власти непосредно да се запознаат со политиката на Владата по однос децентрализацијата, а истовремено да ги слушнат искуствата на Заев како поранешен градоначалник на Струмица.(Крај)
извор: Сител фото: архива