февруари 11, 2015

Охрид, 11. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Фотографијата „Камења на плажа“ (Beach Stones) на охридскиот фотограф Пеце Настевски е наградена на меѓународниот натпревар за фотографија на страницата Pixoto.

Фотографијата ја понесе наградата „Најдоброто на годината“. Жири комисијата која гласаше, ја прогласи оваа фотографија за т.н. Топ 10% во категоријата „Пејзажи“.

Фотографијата е направена во април минатата година. Во преден план се прикажани специфичните камени масиви, кои го карактеризираат охридското крајбрежје. Нивната поставеност во природна средина е импресивна, каде ривиерата на езерото е исполнета со вакви камени блокови, со неправилни форми, кои даваат впечаток како да се вештачка уметничка инсталација. Настевски преку фотографијата на елегантен и симболичен начин ги има доловено дел од камењата на една од плажите на Охридското Езеро, а компонирањето со природните бои на хоризонтот, уште повеќе ја истакнува убавината на камените масиви.

Пеце Настевски е охридски фотограф и режисер. Подолго време се занимава со уметничка и дигитална фотографија, додека неговото студио Pece Nastevski Photography and Videography е официјално основано на 19 јануари 2013 година.

pecenastevski

Ова е престижна награда, која го потврдува успехот на уметнички план на уште еден охриѓанец, со оглед на тоа дека Pixoto е глобална мрежа за фотографи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Пеце Настевски

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука